Инспекциски тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска спроведуваат вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош. Станува збор за училишта кои користат храна од истиот оператор со храна што управува и со централниот магазин лоциран во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, од каде се набавуваат репроматеријали за подготовка на оброците.
Во рамките на инспекциските контроли, кои се вонредни и превентивни, се земаат мостри од храната и од работните површини за лабораториско испитување. Засега, во ниту едно од училишта нема пријавено појава на симптоми на труење со храна.
Резултатите од тестирањата, кои ќе ги анализираат лабораториите, се очекуваат наскоро. Претходната вонредна инспекциска контрола вчера беше спроведена заедно од инспектори за храна на АХВ, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Центарот за јавно здравје, со цел да се утврди безбедноста на храната и хигиенските услови во кујните.