Ајнштајн бил во право за црните дупки, потврдија од „Стенфорд“

Алберт Ајнштајн бил во право за тоа како се однесуваат мистериозните вселенски појави.

Ова го открија група астрономи од Универзитетот „Стенфорд“ (САД) и уште неколку други земји кои за прв пат можеле да погледнат зад црната дупка.

Меѓународниот тим од истражувачи користеле рендгенски телескопи, за да ја проучат супермасивната црна дупка оддалечена 800 милиони светлосни години во центарот на една далечна галаксија.

Истражувачите ги виделе вообичаени обележја на црната дупка, но забележале и светлина (во облик на икс-зраци), која се емитува од подалечната, задна страна на црната дупка.

Имено, црните дупки се раѓаат кога голема ѕвезда ќе експлодира во супернова, а потоа се урива сама од себе.

Ова создава густа материја која „голта“ се што е во нејзина близина, па скоро  е невозможно да се види светлина од задниот дел на црната дупка, а догматската теорија за општ релативитет на Ајнштајн уште во 1915 година предвидела дека гравитационото привлекување на црните дупки е, веројатно, толку големо што тие го искривуваат самиот изглед на Вселената, „виткајќи“ ги и магнетните полиња и светлината.

Како резултат на тоа, во тезата на Ајнштајн се тврди дека можеби е можно да се видат светлосни бранови исфрлени од задната страна на црната дупка, токму поради искривените магнетни полиња што делуваат како огледало.

Научниците ја прифатија оваа теорија, но досега не биле во можност директно да го набљудуваат феноменот, а сега, благодарение на современите телескопи и развојот на високотехнолошки инструменти, сепак тоа е можно.

Астрофизичар од „Стенфорд“ по име Ден Вилкинс го проучувал начинот како црната дупка ги распарчува атомите и електроните, како и икс-зраците што таа потоа ги произведува, а по прегледот на податоците, тој го видел она што го очекувал, односно икс-зраци упатени директно кон Земјата од јадрото на црната дупка, но и неочекувани реакции набргу потоа.

„Пред 50 години, кога астрофизичарите почнаа да шпекулираат за тоа како магнетното поле може да се однесува близу црна дупка, тие не знаеја дека еден ден ќе имаме и техника да го набљудуваме ова директно и да ја видиме општата теорија на релативноста на Ајнштајн на дело“, вели професор Роџер Бленфорд, еден од авторите на истражувањето, исто така од „Стенфорд“.

Ова се, како што рече тој, икс-зраци исфрлени во спротивна насока од Земјата, но се рефлектираат од магнетното поле на црната дупка. Откритието, објавено во „Нејчр“, според научниците, уште еднаш докажува дека Ајнштајн бил во право и ја поддржува теоријата за општа релативност.