Албанската актерка Анила Биша поднесе тужба против Владата на Албанија поради неовластено користење на нејзиното лице и глас за потребите на „Диела“ – првата виртуелна министерка во светот, создадена со помош на вештачка интелигенција.
Виртуелната министерка беше претставена од премиерот Еди Рама во септември 2025 година како модел дизајниран за ефикасност и борба против корупцијата во државните набавки. Сепак, актерката тврди дека нејзиниот договор со властите се однесувал исклучиво на платформата „е-Албанија“ и дека истиот истекол на 31 декември минатата година. Според тужбата, нејзиниот дигитален лик и глас продолжиле да се користат без дозвола, со што ѝ е нанесена „непоправлива штета“.
Покрај Владата, Биша лично го тужи и премиерот Рама, Националната агенција за информатичко општество (НАИС), како и приватната компанија со која првично имала договор. Актерката бара судот да донесе привремена мерка со која ќе се забрани користењето на нејзината слика сè додека случајот не добие правна завршница.
Додека трае правниот спор, виртуелната министерка Диела неодамна беше наградена со признанието „Future Fit Seal“ на Светскиот самит на влади во Дубаи. Албанското Министерство за економија и иновации ја оцени оваа награда како потврда за иновативните модели кои ги подготвуваат владите за идните предизвици.
