Со засадување на садници и чистење на парковските површини на Могилата на непобедените, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, претседателот на Советот, Миле Талески, пратеничката во Собранието на Македонија, Кети Смилеска, советници од Советот и вработени во Oпштина Прилеп ја поддржа акцијата „Еко Прилеп“. Еколошката акција која ја организираа ЈКП „Комуналец “ и Општина Прилеп по повод одбележување на Денот на пролетта и Денот на Екологијата, беше поддржана од приватниот сектор, јавните институции и учениците од основните и средните училишта од градот.
„Со оваа акција сакаме да ја подигнеме свеста за заштита и зачувување на животната средина кај граѓаните. На мое големо задоволство во денешната акција за расчистување на градот вклучени се и учениците од сите основни и средни училишта. Сакам да им се заблагодарам и на стопанствениците од нашиот град кои со свои донации ја помогнаа оваа акција за која се надевам дека ќе прерасне во традициј. Би сакал да упатам апел до сите граѓани, со свои иницијативи, сите ние да го поддржиме овој ден и оваа акција, во насока на развивање на свеста кај сите нас за заштита на животната средина“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.