Актуелни директори вратија по 500.000 денари, ги добиле по неправилно пресметани плати

Тројца актуелни или поранешни директори на јавни здравствени установи вратиле по 500.000 денари, односно вкупно 1,5 милион денари, средства кои претходно ги добиле врз основа на неправилна пресметка на плата.

Ова го соопшти генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, посочувајќи дека покрај медицинската, институцијата врши и континуирана финансиска контрола.

– Во три случаи актуелни или поранешни директори ги вратија погрешно пресметаните приходи од речиси еден и пол милион денари – изјави Клековски.

Тој нагласи дека очекува воспоставување на систем во кој ќе се почитуваат правилата и меѓусебната одговорност, додавајќи дека паралелно со контролите, се работи и на подобрување на примањата во здравствениот сектор.

Според него, платите во здравството веќе бележат раст, вклучително и зголемување на капитациите за матичните лекари, како и дополнителни покачувања најавени од март.

– Испраќаме јасен сигнал дека трудот ќе биде соодветно вреднуван, но истовремено очекуваме фер однос и прекин на злоупотребите, особено во делот на додатоците – истакна Клековски.

Тој додаде дека Фондот ќе продолжи со комуникација со здравствените установи и синдикатите со цел воспоставување транспарентен и правичен систем.

– Не може да има самовреднување и самонаплата. Ќе се воспостават јасни правила кои ќе важат за сите – потенцираше Клековски.