Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) поднесоа итно барање до Владата за прогласување на кризна состојба на пазарот со електрична енергија. Причината за ваквиот чекор е надворешен фактор – секојдневните блокади на грчките земјоделци кои целосно го отежнаа, а на моменти и прекинаа снабдувањето со мазут, кој е клучен енергенс за домашните капацитети.
Во писмото испратено до „Илинденска“, ЕСМ бара дозвола за користење на државните стокови резерви за да се обезбеди континуитет во производството на струја и топлинска енергија.
Од Владата за ТВ Сител потврдија дека дописот е пристигнат и е ставен на приоритетната листа.
„Ваквата иницијатива за активирање на државните резерви произлегува поради состојбата со блокадите на грчките земјоделци, поради што не може да се реализира набавката на мазут кој е неопходен во делот на производството. За барањето ќе се одлучува идната недела на владина седница“, велат од Владата.
Дека состојбата е сериозна и бара надпартиски консензус, потврди и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за енергетика, Бојан Стојаноски. Тој во емисијата „Тема на денот“ најави дека доколку Владата прогласи кризна состојба, Парламентот ќе ја одобри.
„Мазутот е еден од најглавните енергенси за производство на струја, но и на топлинска енергија. Оваа кризна состојба се бара за да се даде можност Владата да ги отстапи државните резерви на компанијата за да може да произведува енергија, додека не се реши проблемот со граничниот премин“, истакна Стојаноски.
Енергетската неизвесност во Македонија е директна последица на хаосот кај јужниот сосед. Веќе трета недела, илјадници грчки земјоделци држат под блокада клучни автопати и гранични премини преку кои се одвива транспортот на енергенси.
Во моментов активни се над 60 блокади, а земјоделците најавуваат радикализација. Нивните барања вклучуваат:
- Исплата на долговите и двојно зголемување на земјоделските пензии;
- Гарантирани минимални цени за производите;
- Политичка и кривична одговорност за корупцискиот скандал со лажни земјоделци кои земале субвенции, поради што се запрени тековните исплати.
