Свет

Аларм во Германија: Нови случаи на опасниот борнавирус

Аларм во Германија: Нови случаи на опасниот борнавирус

Германските здравствени власти изразија загриженост по појавата на нови случаи на инфекција со борнавирус, ретка, но потенцијално многу опасна болест која може да доведе до сериозно воспаление на мозокот кај луѓето.

Последниот регистриран случај е забележан во покраината Мекленбург-Западна Померанија, додека претходно заразени лица биле пријавени и во Баварија. Иако инфекцијата е ретка, лекарите предупредуваат дека во голем број случаи таа може да има тешки последици, па дури и смртен исход.

Според здравствените институции, борнавирусот најчесто се пренесува преку контакт со полски глувци, поточно преку нивната урина, измет или плунка. Засега нема докази дека болеста може да се пренесува од човек на човек.

Кај заразените се јавуваат симптоми како главоболка, висока температура, нарушувања во говорот и движењето, промени во однесувањето, а во потешки случаи може да се развие кома.

Властите во Германија апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при чистење подруми, шупи и други простории каде што може да има глодари, и да користат заштитни ракавици и маски.

Иако се работи за болест со ниска зачестеност, експертите потенцираат дека борнавирусот останува една од најопасните вирусни инфекции кои можат да предизвикаат воспаление на мозокот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни