Македонија

Аларм во „Козле“: 150 деца дневно на преглед, 60 хоспитализирани – „Скопје дише на шкрги“

Аларм во „Козле“: 150 деца дневно на преглед, 60 хоспитализирани – „Скопје дише на шкрги“

„Тешко се дише, се чувствува гребење во грлото и солзење на очите“. Ова е секојдневието на скопјани додека енормното загадување на воздухот го стега главниот град. Последиците веќе се чувствуваат во здравствените установи, кои се преполни со пациенти, особено со најмладите.

Болниците се полнат, а состојбата е најкритична кај хронично болните, лицата со астма и белодробни заболувања. Во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, бројките се загрижувачки: дневно се вршат околу 150 прегледи, а моментално хоспитализирани се околу 60 деца.

Доктор Поповска од Институтот предупредува дека загадениот воздух најмногу влијае токму врз оваа категорија, бидејќи децата имаат специфичен развојен процес на белите дробови, а нивниот имунитет е сè уште кревок.

„Децата се училишни, предучилишни, одат во градинки и училишта, имаат свои активности и неопходно е да излезат. Ако можат да носат маски, би било добро, но децата тешко ги поднесуваат. Единствено што можам да препорачам е родителите да ги заштитат така што нема да ги изнесуваат надвор кога аерозагадувањето е со високи концентрации“, советува д-р Поповска.

Лекарите апелираат училиштата и градинките да набават прочистувачи на воздух за децата барем во затворените простории да дишат квалитетен воздух.

Дополнително, д-р Поповска упати важен апел до родителите:

„Да не се носат болни деца во градинките, затоа што вирусните инфекции веќе земаат замав и ги имаме во голем број.“

И додека скопјани се гушат во смог и магла, сликата на само неколку километри над градот е сосема поинаква. На Милениумскиот крст на Водно денеска грее сонце, а воздухот е чист. Илјадници граѓани го искористија денот да побегнат од градот и барем на неколку часа да ги наполнат белите дробови со кислород, далеку од „гасна комора“ во долината.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје 15.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни