Сопственичка на куче тврди дека нејзиното куче починало по престој во локален пансион за миленичиња во Скопје, откако според нивното сведоштво, вообичаените проверки и информации за здравствената состојба на животното не биле спроведени.
„‘Ав, ав’ ми го убија кучето. Сите да си ги земете и однесете кучињата дома. Во хотелот има парво вирус. Земете си ги со време, пред да ви ги изгладнат без да ви кажат, со денови, и да ви умрат во раце штом ги земете“, напиша сопственичката Пејковска во јавната објава на социјалните мрежи.
Според нејзиното сведоштво, кучето по име Мајло престојувало десет ноќи во пансионот. На 25 декември, околу 17 часот, ѝ било вратено со објаснување дека тој ден не јадел и бил нерасположен. Уште пред да стигнат дома, животното повратило и се онесвестило, по што било однесено на итен ветеринарен преглед.

„На ветеринар ни рекоа дека има парво вирус и дека е речиси во крајна фаза. Кога ја контактирав ветеринарката за која ми беше кажано дека рекла дека кучето е добро, таа ми потврди дека имало крв во изметот – информација што јас никогаш не ја добив од пансионот. Мајло беше со обилно крвавење, од 5,5 килограми паднат под четири. Ми го вратија како сенка од куче. Ова не се случува за еден ден. Ова е резултат на денови болка, гладување и игнорирање“, наведува Пејковска.
Таа посочува дека, и покрај обидите на ветеринарите со инфузии и терапии, состојбата била веќе критична и животното починало. Според нејзиното тврдење, доколку пансионот навреме реагирал и ја информирал за здравствените проблеми, постоела реална шанса животното да преживее.
На социјалните мрежи се шират алармантни објави за состојбата во пансионот за кучиња „Ав Ав“ во Скопје. Според овие тврдења, неколку кучиња починале, додека други остануваат живи, но тестовите покажуваат дека се позитивни на парво вирус.

Парво вирусот е високо заразен и често смртоносен за кучешките миленици, особено ако не се обезбедат навремени ветеринарни интервенции. Во објавите се апелира до сопствениците кои ги оставаат своите миленици во овој пансион да се информираат и да постапат навреме.
Случајот ја отвора прашањето за контрола и одговорноста на пансионите за миленичиња и безбедноста на животните што се оставени на чување.
