Македонија

АЛАРМАНТНА СОСТОЈБА: Евакуација на 100 лица во Кичево, поплави и излеани реки во Охрид, Битола и Гостивар

АЛАРМАНТНА СОСТОЈБА: Евакуација на 100 лица во Кичево, поплави и излеани реки во Охрид, Битола и Гостивар

Обвините дождови кои ја зафатија земјава во изминатите 24 часа предизвикаа критична состојба во западниот и југозападниот регион. Најдраматично е во Кичево каде е извршена итна евакуација на населението, додека Охрид и Битола се борат со надирањето на водата во домовите.

КРИТИЧНО ВО КИЧЕВО: Евакуирани 100 граѓани

Најтешка е ситуацијата во Кичево, каде поплавите загрозија човечки животи. На улицата „Прилепска“ водата навлезе во поголем број станбени објекти, што предизвика итна мобилизација на службите.

Евакуирани се околу 100 лица. Тие се безбедно сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На евакуираните веќе им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.

Во спасувачката акција координирано учествуваат Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК), Територијалната противпожарна единица (ТППЕ), ЈП „Комуналец“ и Општина Кичево.

Покрај урбаниот дел, проблеми прават и реките. Регистрирано е излевање на Зајашка Река (над стадионот „Влазрими“ и училиштето „Санде Штерјоски“), како и на реката Треска која поплави земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци и Вранешти.

ОХРИД: Реката Далјан поплави куќи

Во Охридскиот регион состојбата е сериозна поради излевањето на реката Далјан на повеќе места.

Водата има навлезено во голем број куќи, подруми, гаражи и дворови на повеќе локации низ градот.

Локалната самоуправа и Кризниот штаб се веќе активирани и постапуваат по пријавите на граѓаните.

ГОСТИВАР: Прекин на патни правци

Во полошкиот регион дождовите предизвикаа проблеми во сообраќајот и локални излевања:

Локалниот пат меѓу селата Форино и Тумчевиште е тешко прооден.

Реката Лакавичка се излеа во село Мало Турчане, а Сушечка Река прави проблеми во село Горна Бањица.

БИТОЛА: Кризниот штаб заседава итно

Во Битолскиот и Преспанскиот регион водостојот на реките рапидно расте. Пријавени се поплавени куќи и дворови.

Поради сериозноста на ситуацијата, за утрово во 09:00 часот е закажан итен состанок на Кризниот штаб на Општина Битола за координација на одбраната од поплави.

Надлежните служби апелираат на внимателност, особено во близина на речните корита и поплавените подрачја. Сите итни случаи да се пријавуваат на телефонскиот број 112.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни