Во Брисел денеска Албанија и Европската унија ќе ја одржат седмата Меѓувладина конференција, во рамки на која ќе започнат преговорите по Кластер 5 од пристапниот процес – „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Овој кластер ги обединува поглавјата 11 – „Земјоделство и рурален развој“, 12 – „Безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарнија“, 13 – „Рибарство и аквакултура“, 22 – „Регионална политика и координација на структурните инструменти“ и 33 – „Финансиски и буџетски одредби“.
Со конференцијата ќе претседава данската министерка за европски прашања Мари Бјере, претставничка на актуелното претседавање со ЕУ.
Албанија ги започна пристапните преговори со ЕУ на 19 јули 2022 година, заедно со Северна Македонија. Од тогаш, се одржаа шест меѓувладини конференции на кои беа отворени Кластерите 1 до 4, опфаќајќи области како „Основни вредности“, „Меѓународни односи“, „Внатрешен пазар“, „Конкурентност и инклузивен раст“ и „Зелена агенда и одржлива поврзаност“.
Албанија се надева да ги заврши преговорите до крајот на 2027 година, по што би следела ратификација на договорот за членство од страна на земјите-членки на ЕУ. Државата доби кандидатски статус за членство во јуни 2014 година, а Европската комисија во април 2018 година препорача отворање на пристапните преговори, кои Европскиот совет ги одобри во јуни 2019 година.