Утре во Брисел ќе се одржи 7-та меѓувладина конференција за пристапување на Албанија во Европската унија, на која ќе биде отворен последниот кластер во преговорите, кој се однесува на ресурси, земјоделство и кохезија.
Албанските медиуми објавија дека конференцијата ќе ги опфати поглавјата 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарни прашања), 13 (рибарство и аквакултура), 22 (регионална политика и координација на структурни инструменти) и 33 (финансиски и буџетски одредби).
Премиерот на Албанија, Еди Рама, оцени дека отворањето на последниот кластер е рекордно достигнување и подвлече дека Албанија ги финализира сите преговарачки поглавја во рок од една година, постигнувајќи историски напредок во процесот на европската интеграција. Владата има цел да го заврши процесот на преговори до 2027 година, со цел Албанија да стане членка на ЕУ до 2030 година.
Албанија доби статус на кандидат за членство во 2014 година, а првиот кластер во преговорите со ЕУ го отвори во октомври минатата година, што значи дека во рок од приближно една година ги отвори сите преговарачки кластери.
Силна поддршка на напорите на Албанија за пристапување кон ЕУ даде италијанската премиерка Џорџа Мелони на заедничка прес-конференција со Рама по првата заедничка седница на владите на двете земји во Рим. Мелони најави дека политичките преговори со Албанија треба да започнат во првите шест месеци од 2028 година, кога Италија ќе претседава со ЕУ. Рама истакна дека „неговата сестра Мелони е адвокат на Албанија“ и дека е уверен дека ветувањето ќе биде остварено.