Во Албанија од денеска стапи во сила привремена забрана за употреба на електрични тротинети, кои властите ги оценија како сериозна опасност и извор на сообраќајни несреќи. Сите лица кои нема да ја почитуваат оваа мерка ризикуваат нивните тротинети да им бидат одземени.
Одлуката ја соопштија министерката за внатрешни работи Албана Кочиу и директорот на државната полиција Илир Прода, кои посочија дека забраната е воведена по детална анализа на последиците од употребата на овие возила.
„Заклучивме дека користењето на електрични тротинети претставува директен ризик за јавната безбедност. Само во текот на 2024 година, службите за итни случаи пријавиле 991 несреќа во кои биле вклучени овие превозни средства, од кои дел завршиле со тешки или смртни последици,“ наведуваат Кочиу и Прода во заедничкото соопштение.
Министерката објасни дека ќе се спроведе и стандардна постапка за санкционирање на возачите кои ќе продолжат да ги користат овие возила. „Државната полиција ќе може да изрекува казни и да врши административно блокирање на електричните тротинети, доколку се движат по патишта или тротоари,“ изјави Кочиу.
Директорот на полицијата Илир Прода додаде дека службите веќе започнуваат акција за спроведување на забраната и упати апел до граѓаните за разбирање и почитување на мерките.
Се огласи и албанскиот премиер Еди Рама, кој на социјалните мрежи напиша дека забраната ќе остане на сила сè додека не се изготви нова, построга регулатива според меѓународни стандарди.
„СТОП ЗА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ – Нови правила за јавна безбедност. 991 пријавен случај за една година е повеќе од доволен сигнал дека мора итно да реагираме и да ја прекинеме оваа опасна пракса во сообраќајот,“ порача премиерот Рама.
Властите најавија дека работат на подготовка на нов закон со јасни правила за користење, регистрација и безбедносна опрема на овие возила, по што се очекува тротинетите повторно да можат да се користат под строго дефинирани услови.