Археолозите во Албанија открија голема римска погребна комора што датира од 3-ти до 4-ти век од н.е., прва од ваков вид пронајдена во балканската земја што некогаш била дел од Римското Царство, пишува денес британската новинска агенција Ројтерс.
Предупредени од локалното население кое забележало некои необични камења на плато во близина на границата со Северна Македонија, вработените во Институтот за археологија започнале со ископувања на почетокот на август и ја пронашле подземната структура, чии големи варовнички плочи биле гравирани со грчки букви.
„Натписот ни кажува дека лицето погребано овде се викало Џелијано, типично име од римскиот период. Не сме сигурни за идентитетот на второто лице, но веројатно е дека станува збор за член на семејството“, рече Ериксон Николи, водечки археолог на проектот.
Гробницата, со димензии 9×6 метри, е првото откритие во Албанија на она што експертите го сметаат за почивалиште на богат човек, повеличествено од другите гробишта пронајдени во областа.
Локалните власти во Албанија, каде што туризмот е во подем, веќе планираат да го претворат местото во туристичка атракција, бидејќи жителите се собраа во областа откако ја слушнаа веста за откритието.
Минатата недела, тимот на Никол користеше четки за да ги открие сложено изрезбаните рабови на белиот камен од покривот и ѕидовите на гробницата.
„Исто така, откривме парче ткаенина извезено со златен конец, што го потврдува нашето верување дека имаме работа со член на горната класа“, додаде тој.
Други наоди вклучуваат стаклени чинии и ножеви.
Николи рече дека гробницата била ограбена најмалку двапати – еднаш во антиката и подоцна кога тешка машинерија била употребена за да се премести масивна карпа на врвот од комората.
Тој објасни дека името на жителот било напишано со грчки букви, но имало латинско значење, додека втор натпис укажува дека гробницата била посветена на богот Јупитер.
Експертите сè уште не дешифрирале дополнителни натписи на камења пронајдени во близина, за кои се верува дека припаѓале на друг споменик сега опкружен со полиња со пченка и каменолом.
Читај и ова:
- 1.ФОТО Пожар во Илинден – огнот се приближува до куќите
- 2.Кривична пријава против самостоен инспектор од СВР Битола – оддавал службени тајни
- 3.Полскиот премиер: Најблиску сме до војна од Втората светска војна
- 4.Руски дрон погоди станбена зграда во Полска, објавија локалните медиуми
- 5.Дневен хороскоп за среда, 10-ти септември 2025 година!