Пописот покажа дека процентот на албанско население во државата е 24,3 одсто. Тоа е официјалниот податок, базиран на резултатите за населението што живее во земјата. Со ова тврдење, директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, го оспорува Балансерот на Министерството за информатичко општество, кое пресмета дека во секоја јавна институција една третина од вработените треба да бидат Албанци, објави Телма.
Пописот на резидентното население е реализиран согласно меѓународните стандарди и препораките на Обединетите нации, потсетува Симовски. Нашата земја се обиде да обезбеди и податок колку лица, кога и зошто се иселени, но тие податоци се нецелосни од различни причини.
За Статистика е особено спорно и противуставно импутирањето етничка припадност на 6,4 одсто кои самите лично не се изјасниле што се.
Вчера министерот Адмирим Алити за Телма појасни како е правен новиот Балансер. Користени се податоците за вкупното население, што е збир од бројките за резидентното население плус дијаспората плус процент од населението кое одбило да се попише па е евидентирано од други бази на податоци. Алатката Балансер служи за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во сите јавни и државни институции и се применува од 2016-та. Со новите измени, треба да се вработат 31,43 одсто Албанци, 4,25 одсто Турци, 2 и пол одсто Роми итн.