Вчерашната вест дека во Истражниот затвор Скопје имало физичка пресметка во која настрадаа поранешни министри од ВМРО ДПМНЕ е настан без преседан и бараме брза разрешница, но и одговорност, истакна пратеничката Емилија Александрова од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се ораќаме најпрво до Министрите за правда и внатрешни работи. Од нив очекуваме конкретна реакција. Бидејќи овие случувања не се одлика на современа држава која го следи патот кон ЕУ.
Второ, се обраќаме до директорот на затворот: Како е можно во затворот во два различни периоди во ист ден да се случат два различни инциденти со физичка пресметка?!Директоре, наместо да барате кој прв почна, време е да си ја потпишете својата оставка бидејќи луѓе во затворот ви се повредени. Луѓето не се безбедни во институцијата која ја водите и никакви изговори не може да го оправдаат овој пропуст.
Трето, имајќи ги во предвид погоре наведените факти се надеваме дека судот ќе овозможи домашен притвор за луѓето чиј живот е загрозен и ќе се престане со дополнителни барања за притворање на пратеници, да потсетиме ова е веќе осмо барање за одземање на имунитет на пратеник.“ додаде Александрова.
Пратеничката реде дека Христијан Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, треба да сфати дека има поважни работи од тоа да биде сликан. Парадирањето вчера и демонстрацијата на сила е уште едно шоу, бидејќи тој знае дека не може да се посети притвореник без судска дозвола и додаде дека Христијан Мицкоски, не ги посети луѓето од настаните од 27 април, кои веќе втора година се во притвор и за нив досега не покажа никаква грижа и интерес. Непреземената одговорност за сите важни одлуки за Македонија, не може да се прикрие со носење камери и драматични изјави.
„Конечно треба да превземе конкретни чекори и преку разговор со сите политички партии да се изнајдат решенија за стабилизација на и онака кревкото општество.“ рече Александрова.