Македонија

Алијанса за Албанците негира политичко пазарење со ВМРО-ДПМНЕ – „Ова е план на ДУИ и СДСМ“, вели Таравари

Алијанса за Албанците ги отфрли шпекулациите за можно политичко пазарење со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Арбен Таравари, вели дека немаат никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, за поддршка на кандидатот на Алијанса во Дебар, а за замена Алијанса да ја поддржи Гордана Силјановска во вториот круг на претседателските избори.

„Алијанса за Албанците е сериозна партија, која има свој кандидат за градоначалник на Дебар, тој е д-р Арбен Аголи, сега веќе со поддршка и од Беса, а немаме договор со ниту една друга партија. Ние како политичка партија сме отворени за да разговараме со сите, без исклучок, но не сум рекол и ќе повторам дека нема врска. Сега гледам дека СДСМ и ДУИ, се обидуваат да прикажат дека ние ќе соработуваме со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Арбен Таравари – Алијанса за Албанците.

Прашан за меѓусебна поддршка во локалните и претседателските избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, даде општ одговор.

Првиот круг на претседателките избори ќе се одржи на 21 април, а во Дебар, освен претседателските ќе се одржат и локални избори, откако градоначалникот ненадејно почина. До сега со кандидати за градоначалници на Дебар излегоа ДУИ, со Хекуран Дука, и Алијанса за Албанците со Арбен Аголи. Двете најголеми македонски партии нема да имаат нивен кандидат во оваа општина. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со свои кандидати ќе учествуваат во Охрид и Ново Село.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни