Две големи странски компании кои работат во ТИРЗ-зоната „Бунарџик“ во Скопје најавија повлекување од македонскиот пазар, објави ТВ Телма. Една од нив е американската компанија „Аптив“, која потврди дека планира затворање на својата фабрика во Скопје најдоцна до крајот на 2026 година.
Според неофицијални информации, „Аптив“ од август досега го намалила бројот на вработени за околу 30 отсто. Компанијата посочи дека ќе го консолидира производството на своите компоненти за напредна безбедност и корисничко искуство во Европа и дека има план за поддршка на вработените во текот на транзицијата.
Од Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) потврдуваат дека преговараат со други мултинационални компании за евентуално преземање или продажба на бизнисот на „Аптив“ во земјава. Втората компанија која ќе го напушти пазарот е американската „Дура“, која го запира производството поради откажување на нарачките од главниот купувач. ТИРЗ најавува дека ќе бара делумно враќање на државната помош поради неисполнување на договорените обврски.
Од ТИРЗ додаваат дека засега нема знаци дека други странски компании би се повлекле, а преговараат и со осум нови потенцијални инвеститори. Податоците на Народната банка покажуваат дека во првата половина од оваа година приливот на странски инвестиции значително се намалил, од над 560 милиони евра лани на нешто над 200 милиони евра годинава.