Американски носач на авиони се судри со брод во Египет

Американски носач на авиони се судри со трговски брод во Египет, соопшти американската војска во четвртокот, но нуклеарниот погонски систем не е оштетен и нема повредени.

Во соопштението на американската морнарица се вели дека носачот на авиони Хари С. Труман доцна во средата се судрил со бродот Бешикташ-М додека оперирал во близина на Порт Саид, Египет, пишува „Џерусалим пост“.

„Хари С. Труман не беше загрозен од судирот, без извештаи за навлегување вода или повредени. Погонските системи не се оштетени и се во безбедна и стабилна состојба“, додаваат од морнарицата.

Иако судирите со бродови на американската морнарица се исклучително ретки, два воени брода во азиско-пацифичкиот регион беа вклучени во судири во 2017 година. Во тие несреќи загинаа 17 морнари, што покрена прашања за обуката на морнарицата и темпото на операции, што доведе до сослушувања во Конгресот и смена на неколку офицери.

Носачот на авиони Хари С. Труман е долг 333 метри, што го прави долг речиси колку што е висок Емпајер Стејт Билдинг – вистински пловечки град за 5.000 членови на екипажот.

Неговата палуба за слетување од 4,5 хектари може да прими 90 авиони, вклучувајќи ги и ловците-бомбардери F/A-18 F Super Hornet.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното