Американскиот синџир ресторани TGI Fridays за првпат влегува на балканскиот пазар, а Македонија ќе биде една од трите земји во кои ќе се отвораат ресторани на брендот, дознава 4news.mk
Компанијата потпиша договор за развој со „Деволи груп“, со кој е предвидено отворање на вкупно 10 ресторани во Македонија, Косово и Албанија. Со договорот, „Деволи груп“ добива и ексклузивни права за понатамошно доделување франшизи за TGI Fridays на овие пазари.
Од TGI Fridays соопштија дека договорот претставува дел од нивната стратегија за забрзано меѓународно проширување и дека Балканот го гледаат како стратешка точка за натамошен раст во Југоисточна Европа.
„Балканот претставува една од најинтересните можности за раст во Европа, со претприемачка енергија, растечки угостителски сектор и култура во која заедничкото собирање околу масата има големо значење“, изјави глобалниот претседател на TGI Fridays, Фил Брод.
Тој оцени дека „Деволи груп“ има пазарно искуство и оперативни капацитети потребни за развој на брендот во регионот.
Претседателот на „Деволи груп“, Блерим Деволи, изјави дека партнерството со TGI Fridays е дел од стратегијата на групацијата за внесување меѓународно препознатливи брендови на пазарите во регионот.
„Горди сме што го носиме TGI Fridays, еден од најпрепознатливите американски брендови во сегментот на рестораните, во Албанија, Косово и Северна Македонија. Очекуваме да изградиме силен и долгорочен бизнис кој ќе создава нови можности, ќе развива локални кадри и ќе им понуди меѓународно препознатливо искуство на потрошувачите“, изјави Деволи.
Од компаниите не се објавени конкретни локации ниту рокови за отворање на рестораните во трите земји.
TGI Fridays во моментов има речиси 400 ресторани во близу 40 земји. Компанијата има цел до 2030 година глобалната мрежа да ја прошири на повеќе од 1.000 ресторани.
Во изминатите девет месеци брендот склучил нови договори за развој во Кенија и Малдиви, а ги проширил и партнерствата во Перу, Јапонија, Мексико, Филипини, Грција, Кипар и Шпанија. Според компанијата, со овие договори во развојната мрежа се додадени повеќе од 150 идни ресторани.
Со влезот во Македонија, Косово и Албанија, TGI Fridays дополнително го проширува присуството во Европа, каде што веќе работи во земји како Грција, Кипар, Шпанија, Норвешка и Велика Британија.
TGI Fridays е основан во 1965 година во САД, додека „Деволи груп“, со седиште во Косово, работи во повеќе сектори, меѓу кои производство, храна и пијалаци, угостителство, малопродажба и недвижности.