Американци нападнаа танкер покрај брегот на Венецуела

Американските сили пресретнале и заплениле танкер со нафта под санкции крај брегот на Венецуела, потврдија за Ројтерс повеќе извори. Станува збор за потег што претставува сериозна ескалација на тензиите меѓу двете земји.

Трамп на тркалезна маса во Белата куќа накратко го коментираше овој настан. „Токму што запленивме огромен танкер кај Венецуела. Тоа е најголемиот танкер некогаш запленет“, кратко изјави, па продолжи да зборува на други теми.

Подоцна додаде дека „постои многу добра причина“ за упадот на танкерот.

Државната нафтена компанија Petroleos de Venezuela SA, како и венецуелските министерства за нафта и за информирање, не одговориле веднаш на барањата за коментар.

Заплената може значително да ѝ го отежни извозот на нафта на Венецуела, бидејќи другите превозници сега веројатно ќе бидат повнимателни при натоварување венецуелски пратки. Поголемиот дел од венецуелската нафта оди во Кина, најчесто преку посредници и со големи попусти поради ризикот од санкции.

Вашингтон го засилува притисокот врз Мадуро

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го засили притисокот врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кого го обвинува дека води наркокартел. Пентагон извел повеќе од 20 напади врз, како што тврди, бродови за криумчарење дрога во водите близу Венецуела и Колумбија, при што биле убиени повеќе од 80 осомничени.

Трамп повеќепати изјавил дека САД би можеле да изведат и копнени напади и дека „деновите на Мадуро се одброени“, додавајќи дека не ја исклучуваат можноста за копнена инвазија.

Владата на Мадуро тврди дека американските акции се обид за присвојување на венецуелските нафтени резерви, кои се меѓу најголемите во светот. Веста за заплената на танкерот се појави ист ден кога Марија Корина Мачадо, која ја предводи венецуелската опозиција против Мадуро, ја доби Нобеловата награда за мир.

Да потсетиме, САД во последните неколку месеци распоредија дополнителни сили на Карибите и го пренасочија од Средоземното Море најголемиот носач на авиони во светот – USS Gerald R. Ford, придружуван од други воени бродови и бомбардери со долг дострел.

Мадуро ги повикува граѓаните на мобилизација

Последниве месеци Мадуро ги повикува граѓаните на Венецуела на обединување против, како што рече, американските закани и на приклучување кон граѓанската милиција. Исто така распореди војници, бродови, авиони и дронови на границата со Колумбија, во неколку покраини крај брегот и на еден остров.

PDVSA, државната нафтена компанија, ја контролира нафтената индустрија во земјата и соработува со меѓународни партнери, вклучувајќи го и американскиот Chevron од Хјустон, на бушење на повеќе локации во Венецуела.

Според тековниот договор, Chevron ја плаќа владата со удел во нафтата што ја произведува заедно со PDVSA преку нивните заеднички проекти. Лиценцата издадена од американското Министерство за финансии ја иззема компанијата од САД од санкциите.