Пред утрешното изборно собрание на ФФМ, каде што единствен кандидат за претседател е Мухамед Сејдини, Агенцијата за млади и спорт одржа прес конференција на која бара од Фудбалската федерација да го почитува законот.
Имено АМС претходно пратила известување до ФФМ дека неколку членови од Статутот не биле усогласени со законот за спорт, а директорот на АМС Дарко Каевски најави дека ќе има поголеми последици доколку тоа не биде направено утре на Собранието во Охрид.
„Бараме од ФФМ да го усогласи статутот со Законот на спорт на Република Северна Македонија. Тоа е обврска на сите национални федерации, па така и на ФФМ. Одржување на Собранието без усогласување на статутот, ќе биде нелегитимно и ќе донесе сериозни последици“, изјави Каевски на денешната прес конференција.
Тој додаде дека таа обврска ФФМ требало да ја изврши од 2009 до 2013, но тоа не било сторено. И покрај неколкуте обиди, сепак, до сега не било сменето и усогласено.
„Останува да видиме на утрешното Собрание дали ќе бидат ставени овие точки на дневен ред. Според дневниот ред, тие точки не се ставени, и ние како АМС нема да присиствуваме на Собранието, а изборот за претседател ќе биде нелегитимен“, рече Каевски кој истакна дека АМС е подготовена за доброто на сите да им помогне на ФФМ.
„Ние како АМС сме подготовени да им помогнеме со цел да бидат исполнети барањата и да биде почитуван законот и Уставот“, дополни Каевски.
Г. Бошев