Андоновски од Будимпешта: Стратешката соработка е основа за безбедна и отпорна дигитална иднина

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како еден од главните говорници на Budapest Global Dialogue 2026, порача дека стратешката соработка меѓу државите е клучна за градење отпорни институции, стабилни демократии и безбедна дигитална инфраструктура во услови на засилени глобални ризици.

Настанот во Будимпешта беше отворен со воведно обраќање на унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, а во продолжение се одржаа високи панел-дискусии посветени на глобалната безбедност, геополитичките промени и дигиталната трансформација.

Се вчитува...

Во своето обраќање, Андоновски истакна дека светот се соочува со длабоки и комплексни промени, нагласувајќи дека мултиполарноста веќе е реалност со која државите мора одговорно да управуваат. Тој предупреди дека сајбер-нападите врз критичната инфраструктура претставуваат реална закана со директни последици врз институциите и секојдневниот живот на граѓаните.

Министерот укажа и на ризиците од дезинформациите и технолошките зависности, посочувајќи дека нарушената јавна доверба ја ослабува демократијата, додека зависноста од критични технологии може да го услови државниот суверенитет.

Од перспектива на Република Македонија, како членка на НАТО и држава со јасна евроатлантска ориентација, Андоновски нагласи дека отпорноста на државите е темел на секое успешно партнерство. Притоа подвлече дека сајбер-безбедноста мора да се третира како прашање на национална безбедност, а не како техничка формалност.

Во вториот дел од обраќањето, министерот се осврна на значењето на дигиталната трансформација за јакнење на јавната доверба, истакнувајќи дека ефикасните и безбедни дигитални услуги ја зацврстуваат врската меѓу државата, граѓаните и бизнисите.

Тој порача дека стратешката соработка мора да биде конкретна и оперативна, преку заедничка борба против сајбер-криминалот, споделување добри практики и градење механизми за брз одговор на инциденти.

Во рамки на посетата на Будимпешта, Андоновски ќе оствари и повеќе билатерални средби со високи владини претставници, како и посета на Министерството за енергетика на Унгарија, при што ќе се разговара за унапредување на соработката во областа на дигиталната трансформација, сајбер-безбедноста и поврзувањето на енергетските и дигиталните системи.