По осум години работа и 38 состаноци, Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања сè уште се занимава со материјалот за седмо одделение, кој според бугарската страна одговара на шесто одделение во Бугарија, односно на периодот од 11 век. Ова го истакна претседателот на бугарскиот тим, професорот Ангел Димитров, во интервју за БНТ, додавајќи дека процесот е во стагнација и застој и дека таквата состојба ја отсликува целокупната ситуација во земјата.
Димитров истакна дека Комисијата често се користи како алиби за сложените билатерални односи, бидејќи нејзината формална активност покажува дека сè уште постои волја за работа, иако резултати речиси и да нема. „Ова е единствената комисија што работи согласно Договорот за пријателство и добрососедство, но сега кога нема резултати, можеме да заклучиме каков е односот кон самиот договор“, нагласи тој.
Претседателот на бугарскиот тим се осврна и на железничката пруга што треба да ја поврзе Македонија и Бугарија по Коридорот 8, истакнувајќи дека проектот е од европско значење и за НАТО, но дека неговата реализација нема да биде забрзана.
Димитров додаде дека промената на составот на македонската страна не го промени темпото на работа на комисијата. Тој истакна дека новиот состав, како и претходниот, се фокусира на прашањето за Охридската архиепископија и не сака да се признаат историските врски со Бугарската патријаршија, што ја отежнува работата на Комисијата.
Тој предложи дел од состаноците да се одржуваат онлајн за поефикасно решавање на протоколите и најави дека следниот состанок се очекува во првата половина од декември во Софија.
Комисијата, формирана во рамките на Договорот за добрососедство од 1 август 2017 година, досега усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил, како и пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и пета класа во Бугарија.