Густиот чад и мирисот на изгорено што попладнево се чувствуваат во повеќе делови од Скопје потекнуваат од големиот пожар во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според Ангелов, силниот североисточен ветер ја влошил состојбата и го насочил чадот директно кон главниот град. Теренот е исклучително тежок, непристапен и се наоѓа во длабок дол на надморска височина од над 1.600 метри, што го отежнува целосното контрола на огненот појас.
„На терен дејствуваат полициски хеликоптер, скопските пожарникари, специјализирани тимови на ДЗС со возила ‘Пинцгауер’, како и 30 припадници на Армијата. Населените места во моментов не се загрозени бидејќи сите клучни позиции се обезбедени, но поради густиот чад и ризикот од задушување, влегувањето во самиот дол е премногу опасно. Безбедноста на луѓето е на прво место“, истакна Ангелов.