Надлежните институции сè уште ги утврдуваат причините за пожарот што вчера попладне ја зафати тврдината Исар во Штип, а според првичните информации се разгледуваат две можни сценарија – пожарот да бил предизвикан при чистење двор или поради допир на разлабавени електрични жици меѓу две бандери.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција во Штип рече дека истрагата е во тек и дека паралелно се испитува и пожарот во близина на штипската Млекара, за кој постојат сомнежи дека можеби бил намерно предизвикан.
„Постојат индиции дека пожарот на Исар настанал при чистење двор во некоја од околните куќи, но се проверува и можноста да бил предизвикан од допир на лабави жици меѓу две бандери. Сè уште се работи на утврдување на точната причина“, изјави Ангелов.
Тој упати силен апел до граѓаните во текот на летниот период да не палат оган на отворен простор, без разлика дали станува збор за расчистување дворови, палење стрништа, чистење пасишта или подготовка на скара. Според него, и најмала невнимателност може да доведе до пожар со сериозни последици.
Ангелов ги повика граѓаните и веднаш да пријавуваат доколку забележат разлабавени електрични жици, оштетени далноводи или други дефекти на електричната мрежа, преку ЕВН или на бројот за итни случаи 112.
Воедно, директорот на ДЗС ги повика сопствениците на викендички, стари и напуштени куќи навреме да ги исчистат дворовите, да ја искосат тревата, а доколку е можно и да ја изорат земјата околу објектите. Како што посочи, со тоа значително се намалува ризикот огнот да се прошири и да предизвика штети врз имотите.
Осврнувајќи се на состојбата со пожарите, Ангелов информираше дека пожарот во Општина Пробиштип е целосно изгаснат. Во неговото локализирање учествувале три „ер трактори“, противпожарни екипи од повеќе градови, како и доброволни противпожарни друштва од Кочани, Пробиштип и Виница.
Тој упати благодарност и до граѓаните кои вчера со сопствена земјоделска механизација помогнале во гаснењето на пожарите во Штип и Пробиштип, истакнувајќи дека нивната поддршка била од големо значење за побрзо ставање на огнените стихии под контрола.