Владина делегација, предводена од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за здравство Венко Филипче, денеска во Женева учествуваше во активности во рамките на Светскиот инвестициски форум, во организација на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD – United Nations Conference on Trade and Development).
Вицепремиерот Анѓушев беше дел од лидерскиот панел „Инвестициите во новата ера на глобализација“, на кој дискутираше со претседателот на Намибија, премиерите на Сиера Леоне и Камбоџа, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, како и со извршните директори на Светскиот економски форум (World Economic Forum) и на глобалната компанија Сименс.
– За обезбедување на стабилноста на земјата, како и високо ниво на владеење на правото, мала земја како Република Македонија мора биде дел од поголем безбедносен систем. Тоа за нас значи да станеме дел од Европската Унија и НАТО. Изминатиот период Владата направи значителни чекори за да ги унапредиме односите со сите соседни држави, што е прв и многу значаен чекор кон интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО. Ние сме на вистинскиот пат и сигурен сум дека членството во овие организации ќе биде дополнителен стимул за инвеститорите да ја препознаат Македонија како атрактивна дестинација за нивните вложувања, подвлече вицепремиерот.
