Анима Мунди алармира: Суровото дислоцирање кучиња низ општините претставува јавна опасност и мора да престане

Во последниот период, Анима Мунди алармира на серија повторливи и систематски случаи на дислоцирање на цели легла и чопори кучиња во Скопје. Животните, кои често не се познати на локалните заедници, се појавуваат преплашени, дезориентирани и во очигледен стрес, поради што организацијата ја оценува оваа практика како нехумана и опасна.

Последниот случај се случи во близина на „Аркадија“, каде осум кучиња беа оставени на улица без контрола и грижа, што според Анима Мунди е уште еден доказ за „варварската и неказнета пракса“.

„Ова не се изолирани појави. Граѓаните секојдневно сведочат за комбиња што пренесуваат кучиња од една во друга општина, истовари на периферии, депонии, па дури и во срцето на градот, како да станува збор за отпад, а не за живи суштества“, велат од организацијата.

Анима Мунди посочува дека ваквите постапки не само што се нехумани и противзаконски, туку создаваат директна јавна опасност за луѓето и животните. Во некои случаи, легла на кучиња биле исфрлени дури и во заштитени подрачја, како резерватот „Јасен“, каде немале шанса за преживување.

Организацијата ги повикува институциите да преземат итни мерки и да воспостават механизми за следење, превенција, евиденција и санкција на случаите на дислоцирање кучиња. Исто така, бараат соработка меѓу општините, централните институции и граѓанските организации, како и отворање истраги и ефективни казни за сторителите на овие дела.

„Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, што не може да биде дело на поединци. Станува збор за организирана и перманентна злоупотреба која мора да се истражи, докаже и казни“, истакнуваат од Анима Мунди.

Граѓаните се повикуваат да документираат секое товарење или истовар на кучиња со фотографии или видео и веднаш да пријават до надлежните служби или до организацијата.