Анима Мунди: Примитивни стапици поставени на Водно, животните умираат болно и бавно

Од организацијата за заштита на животните, „Анима Мунди“ објави дека низ парк шумата Водно каде што граѓаните со своите деца и миленици се често посетители, се забележани примитивни стапици.

„Примитивни сајли во вид на стапици во кои, доколку се вплеткате, со секое помрднување се затегнуваат и засекуваат длабоко во кожата, телото, мускулите; од кои ниту едно животно не може да се спаси и умира болно и бавно со секој свој обид да избега, се поставени насекаде низ парк шумата Водно.

Ловна опрема која е најстрого забранета со Законот за ловство, која предизвикува бавна и болна смрт на животните, но и ризик од сериозни повреди, труење на крвта на граѓаните кои шетаат, пред се децата кои на Водно се чести посетители.
Вчера по интервенција на ЈП Лајка е спасено мирно бездомно куче, на кое сајлата му беше засечена околу гркланот и за чиј живот ветеринарите на Лајка се уште се борат.

Ова не е исклучок, туку долгогодишна пракса по шумските реони низ државата на криволовци недопирливи од законот, кои на очи на сите кршат најмалку 3 закони – кривичен, законот за ловство и законот за заштита на животните, кои бараме да одговараат најстрого и по сите основи!

Бараме итно постапување од сите надлежни: идентификација на сите стапици и нивно брзо одстранување, гонење на сторителите согласно Законот за ловство, одговорност согласно Законот за заштита и благосостојба на животните и кривична затворска казна за мачење на животни и предизвикување јавна опасност!“, објавија од „Анима Мунди“.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното