Апелациониот суд во Скопје ја потврдил првостепената пресуда со која Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осудени на доживотен затвор за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Според информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК, со истата, сè уште неофицијална одлука, Апелациониот суд ја укинал ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, а предметот против него го вратил на повторно судење. Тој беше обвинет дека им помагал на сторителите, наводно споделувајќи информации за движењето на својата ќерка.
По правосилноста на одлуката, четворицата осудени, кои речиси три години се наоѓаат во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, ќе бидат префрлени во КПД „Идризово“, каде ќе ја издржуваат доживотната затворска казна.
Претходно, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев преку жалбите бараа укинување на првостепената пресуда и повторување на целата постапка пред Основниот кривичен суд Скопје, а своите аргументи ги изнесоа и на јавната седница на Апелациониот суд.
Според обвинението, на 27 ноември 2023 година, по план на Палевски, Вања Ѓорчевска била киднапирана со цел изнуда на пари од нејзиното семејство. Девојчето било ставено во вреќа за спиење и пренесено во гепекот на возилото „Ситроен“, кое претходно било одземено од Панче Жежовски. Подоцна била однесена кај местото Дупки во близина на Бразда, каде што, според пресудата, Палевски ја убил.
Неколку дена претходно, на 22 ноември 2023 година, на сличен начин бил киднапиран и Панче Жежовски, кој бил однесен на локација кај Рудник над Велес, каде што бил убиен. Според судските утврдувања, Влатко Кешишев во двата случаи обезбедувал логистика, возел или чувал стража за време на извршувањето на злосторствата.