Македонија

Архивите на Браќа Манаки се прв случај во Македонија кои се прогласуваат за културно наследство – се чуваат во Битола

Архивите на Браќа Манаки се прв случај во Македонија кои се прогласуваат за културно наследство – се чуваат во Битола

На 30 август 2023 година, со одлука на Владата на Република Северна Македонија, збирката на движно културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ која се наоѓа во Државниот архив на Република Северна Македонија – Одделение Битола, е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Овој чин претставува заокружување на процесот, започнат во мај 2022 година, кога раководството на Државниот архив и вработените во Одделението во Битола почнаа иницијативна постапка за проверка на состојбата и статусот на фондот 580 „Браќа Манаки – Битола 1853 – 1964“. Архивските работници од Одделението Битола кои имаат долго-годишно искуство и практика во архивската работа со овој фонд, проценија дека постои сериозна потреба од формално утврдување на статусот на овој фонд во рамки на Законот за заштита на културно наследство.

За време на иницијативната постапка беа одржани работни средби помеѓу надлежните лица задолжени за чување, средување и обработка на фондот инадлежните институции релевантни за формализирање на процесот, Министерствоза култура на Република Северна Македонија, вклучително и самата Министерка Бисера Костадиновска – Стојчевска и Управата за заштита на културно наследство. Надлежните институции беа запознаени со моменталната состојба и со заклучоците и потенцијалните решенија на архивските работници.

Овој архивски материјал е од раритетно и културно-историско значење, каде што се споени локалните, националните и транснационалните вредности на човечкиот креативен труд, како репрезент на културната меморија и трансформациите на балканските градови во XX век. Денес, целокупниот архивски материјал од браќата Манаки се чува во Државен архив – Одделение Битола.

Со оваа одлука на Владата, фондот „Браќа Манаки“ претставува прв национален случај на прогласување архивски материјал за културно наследство.

Со стекнувањето статусот на културно наследство, се отвора нова поглавје во начинот на вреднување на архивската и културната дејност поврзана со наследството на браќата Манаки, како и зајакнување на процесот за суштинско почитување на валоризацијата на фондот„Браќа Манаки“ и сите негови содржини, можности за користење ресурси за негово соодветно чување, средување, дигитализација, истражување и презентација.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни