Арнаудов за изјава им побара пари на новинарите, обвинителката Рускоска незадоволна од законот за амнестија

Обвинетиот пратеник за настаните од 27 април, Љубен Арнаудов, на новинарите им побара пари за да одговори на прашањето дали ќе побара амнестија или не откако законот е изгласан во Собранието.

По едночасовната пауза на денешното рочиште, новинарите собраа пари за да добијат изјава, но Арнаудов повторно одби да зборува.

Се вчитува...

Околу тоа дали ќе побара да биде опфатен во Законот за амнестија, одби да се произнесе и обвинетиот Митко Чавков. Меѓутоа, обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви, рече дека за ова ќе разговара со неговиот адвокат.

Двајцата обвинети, Јане Ченто и Игор Југ, пред судското тело на чело со Добрила Касарцка, рекоа дека нема да бараат амнестија, туку сакаат за нив да одлучува Судот.

„Нема да поднесам барање за амнестија, судете ни вие, а не политичката елита да каже дали сум виновен или не“, вели Јане Ченто.

„Ниту јас нема да побарам амнестија и ќе очекувам вие да донесете одлука. Не прифаќам селективност, законот за амнестија и нема да дозволам да бидам монета за поткусурување“, вели Игор Југ.

По овие две изјави на обвинетите, судијката Добрила Кацарска рече дека таа не одлучува за ова. Обвинителката пак, Вилма Рускоска, рече дека не е задоволна од донесениот Закон за амнестија, кого за смета за непрецизен. Таа додаде дека барањата за амнестија ќе се разгледуваат посебно за секој обвинет, а последниот збор ќе го има судот.

За оние обвинети што не се опфатени со амнестијата, нема да има преквалификација на кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, рече Рускоска. Сепак, според неа невозможно е Обвинителството да одлучи никој да не биде амнестиран, бидејќи тоа би значело кршење на законот. По дебатата меѓу судијката Кацарска и адвокатот на Чавков, Сашо Дуковски, рочиштето за 27 април се одложи за утре. Од Дуковски беше побарано декласифицираните докази добиени од МВР, да ги изведе како што се по ред во листата, на што тој се пожали дека истите ги добил со задоцнување и со измешан редослед.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21