Арсовска го разреши и директорот на „Дрисла“, градоначалничката ги обвинува директорите за злоупотреби

Данела Арсовска, градоначалничката на Град Скопје, денеска разреши уште еден директор. Александар Кузинаков повеќе не е директор на ЈП „Дрисла“. Тој бил разрешен поради неправилности и непочитување на договорот за вработување.

„„За неговото работење до Градот Скопје пристигнати се бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорување на овластувањата за што Градот Скопје веќе најави ад хок ревизија. Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје“, стои во соопштението од Град Скопје.

Арсовска денеска го разреши и директорот на „Паркови и зеленило“ Мартин Агеловски, кој дојде на функцијата пред месец и пол. Во претходниот период беа разрешени и директорите на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски, на „Градски Паркинг“ Михаил Петревски и на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски.