Арсовска: Ќе продолжам да се борам за да победи правдата и Висар Ганиу да понесе одговорност

Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, денес преку објава на социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека официјално ја предала функцијата на новоизбраниот градоначалник.

Во пораката, Арсовска му посака на својот наследник многу здравје, како и чесно и посветено работење во интерес на сите граѓани на Скопје.

„Денес функцијата му ја предадов на новоизбраниот Градоначалник на град Скопје, на кој му посакувам, пред сѐ многу здравје, а потоа чесно и посветено да го води градот како градоначалник на сите граѓани,“ напиша Арсовска.

Таа им се заблагодари на скопјани за, како што рече, континуираната поддршка, особено во нејзината борба против организираниот криминал и корупцијата во градот.

„Ќе продолжам со мисијата за правда и отчетност, за да понесе одговорност Висар Ганиу, кој со својата организирана криминална банда до денес загрозува животи на илјадници наши сограѓани,“ напиша меѓу другото Арсовска во својата објава.