Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, денеска на прес-конференција откри дека е можно градоначалникот на Скопје Петре Шилегов да го носи најрадиокативното и најопасното ѓубре на рециклирање, со оглед на минатото на партнерите со кои Град Скопје склучи договор за рециклирање.
„Петре Шилегов се врзува со сомнителни бизнисмени од Хрватска за кои има кривични истраги, нудејќи им ја скопската депонија.
Со оглед на сомнителното минато и бизниси на партнерите кои ги одбра Шилегов постои сериозна загриженост дека најрадиоактивното и најопасно ѓубре од странство, може да се носи и рециклира токму тука во Скопје и со тоа да ги труе сите скопјани.
Петре Шилегов и Град Скопје во скопската депонија како партнери внесуваат конзорциум од германска, хрватска и македонска фирма, патем македонската фирма е со хрватски капитал, но со сомнителни сопственици со криминално досие за кои се водат истраги и за кои има кривични пријави во Загреб, односно Хрватска.
Прашуваме, дали е точно дека нов партнер на Шилегов како градоначалник на Градот Скопје, ќе биде контроверзниот хрватски бизнисмен Петар Припуз, сопственик на хрватската компанија за рециклажа на отпад ЦИОС. Дали е толно дека за истиот Петар Припуз се водат повеќе случаи за корупција, даночно затајување, како и оштета на градот Загреб, каде што заедно со загребскиот градоначалник Милан Бандиќ беше уапсен пред извесно време.
Партнерот на Шилегов и Градот, Петар Припуз, исто така се товари дека затаил над 13 милиони евра данок.
Никој не води контрола колку и каков отпад се увезува во Република Македонија, а сега откако овие структури на чело со Петар Припуз влегуваат да работат во Скопје, постои сомневање дека целиот тој отпад од странство ќе се увезува тука и ќе се рециклира тука во Скопје, а најголемата штета ќе ја трпат скопјани, патем ќе бидат труени.“, изјави Арсовски.