Арсовски за СДСМ: Бадијала го менувате возачот ако моторот е „зарибан“ – на партијата ѝ недостига идеологија, а не само кадри

„Венко Филипче е новиот возач, но автомобилот нема да оди никаде додека не се поправи моторот“. Со оваа метафора, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вечерва на Сител ја скенираше моменталната состојба во опозициската СДСМ, оценувајќи дека кадровските промени не се доволни за излез од кризата.

Според Арсовски, иако сега се прават обиди за реформи и освежување, проблемите на „Бихаќка“ се многу послоени и подлабоки од самото лидерство.

Се вчитува...

Аналитичарот детектира три клучни проблеми со кои се соочува партијата:

  1. Демографски колапс: „Главните целни групи биолошки заминуваат – постарите умираат, а младите се иселуваат“.
  2. Идеолошка криза: Левицата глобално, па и кај нас, не наоѓа соодветен политички јазик и понуда за 21-от век.
  3. Организациски дефект: Партијата не испорачува политики на терен.

„Бадијала го менувате возачот во автомобил, ако моторот е зарибан. Додека не го поправите моторот, секој возач ќе ја дели истата судбина, автомобилот нема да оди никаде“, поентира Арсовски.

Арсовски забележува промена во реториката на новото раководство – поостри тонови кон ДУИ, кон ЕУ, па дури и отворање на темата со мигрантите, што според него е контраинтуитивно за една социјалдемократска партија.

„На Македонија ѝ се потребни повеќе мигранти, а не помалку, имајќи предвид дека сериозно ни недостасува работна сила. Чудно е социјалдемократска партија да се противи на таков проект“, вели аналитичарот.

Тој заклучува дека оваа „нова острина“ во настапите на Филипче повеќе наликува на „трка по дневен ПР“ и ловење на грешките на власта, отколку на резултат на длабока интроспектива и нова, сериозна политичка доктрина.