Македонија

Август бил најкритичен месец: Во Македонија годинава регистрирани 71 случај на Западно-нилска треска

Август бил најкритичен месец: Во Македонија годинава регистрирани 71 случај на Западно-нилска треска

Западно-нилската треска годинава е регистрирана кај 71 лице во земјава, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје. Бројката се однесува на периодот од почетокот на 2026 година до 29 септември.

Од вкупно регистрираните случаи, 66 се потврдени, додека пет се водат како веројатни според дефиницијата за следење на заболувањето.

Скопје и околината имаат најголем број заболени. Во главниот град и околните општини се евидентирани 63 случаи – 48 кај жители на град Скопје и 15 кај жители на околните општини.

Во Велес и околината се регистрирани три случаи, два има во Кавадарци и Росоман, а по еден случај е евидентиран во Куманово, Свети Николе и Тетово.

Од ИЈЗ наведуваат дека 70 од регистрираните случаи се автохтони, односно инфекцијата настанала во земјава. Еден случај е поврзан со патување во Грција, но периодот на инкубација опфаќал и престој во Македонија.

Меѓу заболените има значително повеќе мажи. Од вкупно 71 случај, 52 се кај мажи, што претставува 73,2 отсто, додека 19 случаи, или 26,8 отсто, се кај жени.

Најпогодена е повозрасната популација. Лица над 60 години сочинуваат 81,7 отсто од сите случаи, односно 58 заболени. Седум случаи се регистрирани кај лица на возраст од 50 до 59 години, два кај лица од 40 до 49 години, еден кај лице од 30 до 39 години и три кај лица од 20 до 29 години.

Просечната возраст на заболените е 66,5 години. Најмладиот регистриран пациент има 25 години, а највозрасниот 85 години.

Најголем број случаи биле регистрирани во август, кога кај 39 лица се појавиле симптоми, што претставува 54,9 отсто од вкупниот број. Во јули почеток на симптоми бил евидентиран кај 17 лица, во септември кај 12, во јуни кај две, а во мај кај едно лице.

Податоците на ИЈЗ покажуваат дека најголемиот дел од случаите се регистрирани во текот на летните месеци, со најизразен пораст во август.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни