Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека Германија силно го поддржува членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но нагласи дека забрзувањето на евроинтеграциите зависи и од реформите и политичката волја на самите држави.
На денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора, Мерц им се обрати на лидерите на Македонија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, уверувајќи ги дека можат да сметаат на германската поддршка во процесот на европска интеграција.
„Вашето членство во ЕУ е она што ние го сакаме. Можете да сметате на поддршката од Германија, како и на мојата лична поддршка“, изјави германскиот канцелар.
Сепак, Мерц нагласи дека европската перспектива мора да биде проследена со конкретни резултати и дополнителни реформски активности во шесте земји од регионот.
„Ние како ЕУ го исполнивме своето, но и вие мора да го сторите истото. Реформите и политичката волја мора да дојдат од вас“, порача Мерц.
Земјите од Западен Балкан се наоѓаат во различни фази од пристапниот процес, а дел од нив со години се соочуваат со застој на европскиот пат. Црна Гора е меѓу најнапредните кандидати, со очекувања пристапните преговори да ги заврши во 2027 година.
Самитот во Црна Гора се одржува во рамките на Берлинскиот процес, иницијатива започната во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел зајакнување на регионалната соработка и забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.
Во јуни годинава Германија и Франција покренаа нова иницијатива за забрзување на пристапниот процес, која предвидува постепено интегрирање на земјите кандидати во одредени европски механизми уште пред полноправното членство.
Според предлогот, државите што ќе исполнат определени реформски критериуми би можеле да добијат повластен пристап до единствениот европски пазар, како и можност за учество во одредени институции на ЕУ со статус на набљудувачи.
На самитот учествува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој пред почетокот на средбата изјави дека Македонија одамна заслужила напредок во евроинтеграциите, но дека поради, како што ги нарече, вештачки причини, сè уште не може да ги започне суштинските пристапни преговори.