Авион од Приштина излетал на пистата во Истанбул – нема повредени лица

Авион на линијата Приштина – Истанбул, по слетувањето излетал и застанал на крајот од пистата.

Како што соопшти Амбасадата на Косово во Турција, во овој инцидент нема повредени.

„Амбасадата на Република Косово во Турција информира дека денеска, на аеродромот ‘Сабиха Ѓокчен’, авион опериран од компанијата AJet, од типот Boeing 737-800, кој го реализираше летот Приштина–Истанбул со број TKJ76Q / VF102, по слетувањето излезе од такси-патеката и застана на крајот од пистата. Според официјалните информации, сите патници се евакуирани безбедно преку надворешните скали, без потреба од употреба на итните лизгалки. Нема извештаи за повредени лица, а патниците уредно го напуштиле аеродромот и се упатиле кон своите дестинации“, се наведува во соопштението на амбасадата.

Во својата изјава, компанијата AJet соопшти дека авионот извршил регуларно слетување, но при движењето по такси-патеката излегол на помека земјена површина, како последица на обилните дождови.