Чартер-лет со 225 патници и седум членови на екипажот, кој летал од Грција кон Лондон, ноќеска морал принудно да слета во Ерфурт, Германија, поради појава на чад во авионот. „Ербас А321“ на британската авиокомпанија Jet2 безбедно слетал, а сите патници и членови на екипажот биле евакуирани без повредени, пренесува ДПА.
Поради, како што е наведено, „необјаснива појава на чад“ во авионот, екипажот побарал итна помош и се упатил кон аеродромот Ерфурт-Вајмар. Леталото безбедно слетало, по што веднаш била организирана евакуација. Сите 225 патници и седумте членови на екипажот безбедно го напуштиле авионот.
Причината за чадот сè уште е непозната
Веднаш по слетувањето, на пистата излегле противпожарни екипи кои го прегледале авионот, но по деталната проверка не бил пронајден никаков пожар ниту извор на чадот.
Што точно ја предизвикало појавата на чад во „Ербасот“ засега не е утврдено. Патниците биле згрижени во зградата на аеродромот, а се очекува авиокомпанијата во текот на претпладнето да организира заменски авион со кој тие ќе го продолжат патувањето кон Лондон.
„Ербас А321“ ќе остане во Ерфурт до понатамошно известување. Авионските техничари ќе извршат темелна проверка за да ја утврдат причината за инцидентот, а одлуката кога авионот повторно ќе биде пуштен во сообраќај ќе биде донесена дури по откривањето на изворот на чадот.