Авион на авиокомпанијата „Визер“ на линијата Скопје – Париз (Буве) утрово итно слетал на аеродромот Шарлоа во Брисел поради здравствен проблем на патник.
Според сведоштвата на патниците за САКАМДАКАЖАМ.МК, патникот се пожалил на проблеми со срцето додека авионот се наоѓал во воздушниот простор над Луксембург, околу половина час пред планираното слетување во Париз. Пилотите веднаш побарале итно слетување на најблискиот аеродром, Шарлоа, за патникот да добие итна лекарска помош.
Патниците посочуваат дека авионот останал на земја околу половина час, по што продолжил кон Париз. Како што објаснуваат, ваквите постапки се редовна процедура доколку кабинскиот екипаж оцени дека медицинската состојба е опасна по живот и не може да се третира во самото летало.
Според податоците од специјализираните авионски сајтови, кратко по слетувањето на Шарлоа, авионот „Ербас А321нео“ продолжил и слетал на Буве во Париз со околу 40 минути задоцнување од редовниот распоред. Со задоцнување од Париз, истиот екипаж се враќа во базата во Скопје.
