Македонија

Автоматизирани гранични терминали до средината на следната година, најавува Царинската управа

Автоматизирани гранични терминали до средината на следната година, најавува Царинската управа

Граничните терминали во земјава ќе бидат модернизирани со воведување паметни системи за автоматизација, проект за кој се обезбедени два милиони евра грант средства од Европската унија.

Царинската управа започнува со реализација на проектот за дигитализација на граничната инфраструктура, со кој се предвидува целосна автоматизација на процесите на царинските терминали. По спроведениот јавен оглас, веќе е потпишан договор со избран изведувач за набавка на потребната опрема, а реализацијата треба да заврши до средината на следната година.

Со новите системи се очекува значително забрзување на протокот на стоки, намалување на времето на чекање и пониски оперативни трошоци за економските оператори.

Постоечките рампи и ваги ќе бидат заменети со современи дигитални решенија, поддржани со аналитички видео камери, со што увозот, извозот и транзитот ќе се регистрираат автоматски само неколку секунди по пристигнувањето на товарното возило на терминалот.

Новите автоматски ваги и рампи ќе бидат поврзани со системи за видео надзор и препознавање на регистарски таблички. Во тек е и постапка за набавка на софтверски интегратор кој ќе овозможи поврзување на сите системи и поефикасна контрола на движењето на стоката.

Од Царинската управа посочуваат дека воведувањето на овие технологии ќе придонесе за побрза и посигурна легална трговија, усогласена со европските стандарди.

Дополнително, автоматизацијата ќе помогне во намалување на влијанието на човечкиот фактор, што се оценува како важен чекор во унапредување на контролите и спречување на можни злоупотреби и коруптивни ризици.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни