Македонија

Бадниковата поворка во Прилеп, Штип, Охрид – најавeно Христовото раѓање

Бадниковата поворка во Прилеп, Штип, Охрид – најавeно Христовото раѓање

Околу 100 дечиња на возраст од 4 до 13 години денеска во бадниковата поворка низ центарот на Прилеп ги пееја ангелските песни и песната „Вечен е Бог“ најавувајќи го Христовото раѓање. Со ѕвезди во рацете, децата во поворката тргнаа од центарот, од плоштадот Александрија поминаа низ прилепската стара чаршија, пригодно дарувани од прилепчани. Од прилепскиот градоначалник Борче Јовчески добија желби за безгрижно детство, среќна година како и пакетчиња.

Децата радосно ја врвеа поворката која заврши во прилепскиот храм „Свети Кирил и Методиј“.

– Многу ми е убаво што ги пееме песните за Исус Христос. Сакам да им биде убаво на сите, рече Анамарија Пашоска.

Катерина Лефкоска, координатор за бадниковата поворка, нагласи дека уште повеќе дечиња им се придружиле во радосните моменти. Повеќе од три недели се подготвувале и изработувале ѕвезди.

– Радоста е голема што денеска ни се придружија уште повеќе дечиња. Сакаме сите да се радосни за Христовото раѓање, рече Левкоска.

Пеејќи ја песната „Вечниот бог“ над 200 деца и младиници од Штип и Карбинци денеска го навестија Христовото раѓање. Бадниковата поворка тргна од црквата Свети Никола, каде претходно присутните добија библија, колачиња и молитва, а заврши на плоштадот „Слобода“.

– Се вклучуваат илјадници дечиња пеејќи ја песната Вечниот Бог и најавувајќи го раѓањето Христово. Децата кои се вклучени во поворкта ги симболизираат ангелите кои го навестуваат христовото раѓање, а ѕвездичките што ги носат во своите раце пред нивните озарени и насмеани лица ја покажуваат ѕвездата која упатува кон местото на раѓањето христово, вели Милена Рисотва-Михајловска регионален координатор на Бадникови поворки.

Општина Штип учествуваше во целата акција, а на плоштадот „Слобода“ дечињата добија бадникови пакетчиња од градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов. Посака здравје, среќа, благосотојба во сечиј дом.

– Навистина ми е драго што продолжува традиционалната бадникова поворка во која учествуваат повеќе од 200 дечиња. Општина Штип даде целосна поддршка на спроведување и одржување на оваа бадникова поворка во која најмалите дечиња симболизирајќи ги ангелите ја испеаја бадниковата песна, најавувајќи го најсветлиот христојански празник, вели Јорданов.

Денеска во периодот од 10 до 12 часот Бадникови поворки се организираа во 62 града во државата.

Стотици дечиња пеејќи ја песната „Вечниот бог“, по две години пауза поради пандемијата, повторно во поворка поминаа низ охридските улици и Чаршијата најавувајќи го Христовото раѓање.

На Градскиот плоштад ги пречека градоначалникот Кирил Пецаков, делејќи пакетчиња за сите учесници во Бадниковата поворка. Посакувајќи им здравје и љубов на сите граѓани, градоначалникот се осврна на значењето на денешниот ден.

– Ова е многу значаен празник. Наша работа е да ја почитуваме традицијата споена со религијата, затоа што ова се вредностите на кои треба да ги учиме нашите деца и тие да ја продолжат традицијата која сме ја негувале низ вековите. Ова е еден од најважните настани за нас, затоа што ова е и туристичка атракција, која ја прикажува нашата традиција, рече Пецаков.

Главниот координаторот на поворките во Дебарско-кичевската епархија, Летка Филипова, изрази задоволство што годинава е 10. јубилејна поворка од возобновувањето.

– После две години копнеж за Бадниковата поворка, повторно се излеа радоста низ улиците на Охрид. Бадниковата поворка ја сметаме како еден од најрадосните настани, бидејќи го прават деца, кои се претставници од ангелите и го прават градот многу весел, истакна Филипова.

Прв пат во оваа година на поворката учествуваат деца со посебни потреби, а меѓу нив е и 17-годишниот Христијан, дете во инвалидска количка, кој со помош на останатите ја носеше Пештерата која го симболизира Христовото раѓање.

– Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи и младите по нас ќе продолжат да го негуваат овој настан, подвлече Филипова.

Покрај дечињата од Охрид, во поворката се приклучија и дечиња од Општина Дебарца.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни