Владата на Кипар денеска го поздрави указот на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, со кој се дозволува продажба на воена опрема и оружје на таа земја.
„Овој меморандум е јасно признавање на Република Кипар како столб на стабилноста и безбедноста во Источниот Медитеран, со потенцијал дополнително да придонесе за мирот и управувањето со хуманитарните предизвици“, се вели во соопштението што го пренесува Ројтерс.
Како што рече портпаролот на Владата на кипарските Грци, Константинос Лејмбиотис, намерите на Никозија за набавка на оружје се чисто одбранбени.
Со мала армија и без воздухопловни сили, одбранбениот арсенал на меѓународно признатата влада во Никозија, на етнички поделениот остров, е скромен, главно со застарена воена опрема, која во минатото се снабдувала со грчкиот дел на Кипар од Русија која сега е зафатена со санкции поради нејзиниот напад врз Украина.
Министерството за надворешни работи на отцепените кипарски Турци, во северниот дел на Кипар, признаен од Турција, рече дека одлуката на САД покажала дека меѓународно признатата влада на кипарските Грци може „да ја продолжи својата трка во вооружување како да се подготвува за војна“.
Исто така, Турција ја осуди одлуката на американската администрација во заминување да го назначи Кипар како соодветна земја за продажба на оружје и воена обука.
„Очекуваме дека новата американска администрација, која наскоро ќе стапи на функција, ќе го повлече овој погрешен чекор на актуелниот претседател“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.