Македонија

Бајден со писмо до Заев: Успехот на Северна Македонија е успех и за цела Европа, и тоа е добро за сите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев прими писмо од поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави Џо Бајден во кое истакнува дека му претставувало чест што се сретнал со премиерот Заев на Конференцијата за безбедност во Минхен и за разговорот низ кој размениле мислења за актуелните политички прашања.

„Уште еднаш Ви честитам на историскиот договор со Грција во Преспа. Уверен сум дека договорот е сериозен позитивен развој и за европската интеграција и единство. Како што реков на разговорот во Минхен, успехот на Северна Македонија е успех и за цела Европа, и тоа е добро за сите“, пишува во писмото поранешниот потпретседател на САД, Бајден.

Поранешниот потпретседател на САД Бајден уште пишува дека со нетрпение го очекува денот кога Република Северна Македонија ќе биде пречекана како полноправна членка на НАТО.

„Вашата визија ги постави темелите на безбедноста и сигурноста и Вашето лидерство како Претседател на Владата од граѓаните на Северна Македонија ќе биде запаметено по историското достигнување“, нагласува во своето писмо до премиерот Заев Џо Бајден.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни