Она што започнало како рутински меѓународен лет, се претворило во исклучителна животна приказна која ретко се случува во авијацијата.
Авионот AIRBUS A321neo на компанијата Ita Airways полетал од Дакар кон Рим ноќта меѓу 29 и 30 април со 155 патници, но патувањето завршило со еден повеќе. На летот AZ855 се родило момче кое добило име Мохамед Алесандро.
Командантот на авионот, Алесандро Вануки (52), изјавил дека екипажот не бил информиран дека меѓу патниците има жена во седми месец од бременоста. Во пилотската кабина со него бил и првиот офицер Филип Стојменов (34).
Сè започнало во раните утрински часови, кога екипажот бил известен дека една патничка не се чувствува добро. За само неколку минути ситуацијата се искомплицирала, откако било утврдено дека ѝ пукнал водењакот.
На височина од околу 10.000 метри, во помош се вклучиле две патнички – докторка и медицинска сестра – чија брза реакција била клучна за текот на настаните.
Во меѓувреме, пилотите започнале анализа на можностите за слетување, со оглед на тоа дека авионот се наоѓал над пустинскиот регион на Западна Сахара, каде што немало блиски погодни аеродроми.
По консултации и проценка на ризикот, била донесена одлука летот да се врати назад во Дакар, додека од земја биле активирани итните служби за прием на авионот.
Но, додека авионот се пренасочувал, бебето се родило. Мајката подоцна му го дала името Мохамед, а второто име – Алесандро – во чест на командантот на летот.
По слетувањето, екипажот ги информирал патниците за среќниот настан, по што следувал аплауз во авионот. Пилотот подоцна изјавил дека тоа е момент што никогаш нема да го заборави.
По згрижувањето на мајката и бебето, авионот неколку часа подоцна го продолжил патот кон Рим. Со тоа, ова дете стана првото бебе родено на лет на Ita Airways и уште една необична приказна од авијацијата – патување кое започнало како обично, а завршило со нов живот.
