Македонија

Бедредин Ибрахими и Сашо Мијалков во „Шутка“, вкупно 19 години и 8 месеци затвор за обвинетите во „Титаник 2“

Шестмина обвинети во случајот „Титаник 2“ за изборни измами во 2013 година, добија вкупна затворска казна од 19 години и 8 месеци.

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков доби казна затвор од три години, исто толку добија и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи доби три години и два месеца, а највисока од четири години и шест месеци му е изречена на Бедредин Ибраими. На изрекувањето на пресудата, од обвинетите, не присуствуваше само Мендух Тачи.

Според СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето реално влијание и моќ и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.

Обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека судот треба да преземе безбедносни мерки за осудените. Набројувајќи ги причините, побара притвор за Мијалков и Ибрахими. За останатите осудени, Фетаи побара Судот да ги задолжи да се јавуваат во суд барем еднаш неделно.

Судот го прифати барањето на Фетаи. Но, Ибрахими вели дека нема да бега, туку како што вели, ќе остане за да ѝ се смее в лице на Фетаи.

Од друга страна пак, Сашо Мијалков, рече дека неговиот стил на живеење не е бегање и дека до крај ќе ја почитува одлуката на Апелациониот суд.

Одбраната во завршните зборови побара ослободителна пресуда за сите обвинети, посочувајќи дека обвинителството не изнело докази со кои се потврдува делото за кое се теретат. Дополнително адвокатите од одбраната имаа забелешки и на веродостојноста на аудио доказите, за кои како што посочија, биле незаконски стекнати. Рочиштата за случајот „Титаник 2“ почнаа во април минатата година.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни