Русија и Украина се договорија да ги прекинат непријателствата на Црното Море, соопшти денеска Белата куќа во две соопштенија за деталите од дискусиите на работните групи во Ријад, Саудиска Арабија.
Секоја страна се согласи да „обезбеди безбедност на пловидбата, да ја исклучи употребата на сила и да спречи употреба на комерцијални бродови за воени цели во Црното Море“, соопшти Белата куќа.
Во врска со Украина, САД ветуваат дека „ќе ги поддржат напорите за размена на затвореници, ослободување цивили и враќање на присилно раселените украински деца“.
Русија, која е цел на санкции, може да смета на поддршката од Белата куќа за „да добие пристап до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, да ги намали трошоците за морското осигурување и да го подобри пристапот до пристаништата и платните системи за овие трансакции“.
За време на разговорот, САД „повторија дека претседателот Доналд Трамп навистина сака да стави крај на убиствата на двете страни“ во Украина.
Вашингтон „ќе продолжи да организира преговори меѓу двете страни со цел да се најде мирен исход“, се вели во двете изјави.
Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека руската и американската делегација имале само „технички консултации“ во Ријад и дека резултатот од преговорите нема да биде соопштен, иако пред тие средби беше објавено заедничко соопштение.