Свет

Белата куќа: Нема да го промениме ставот за употребата на нуклеарно оружје

Белата куќа: Нема да го промениме ставот за употребата на нуклеарно оружје

САД не се изненадени од руското намалување на прагот за нуклеарен напад и немаат намера да ја сменат сопствената позиција како одговор, соопшти денеска Белата куќа, цитирана од Ројтерс и БТА.

„Како што рековме претходно овој месец, не сме изненадени од најавата на Русија дека ќе ја обнови својата нуклеарна доктрина. Русија веќе неколку недели сигнализира дека има намера да ја обнови својата доктрина“, се вели во соопштението на Советот за национална безбедност до Белата куќа.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го намали прагот за започнување нуклеарен напад како одговор на пошироки видови конвенционални напади, а Москва соопшти дека Украина удрила длабоко во руска територија со ракетите АТАКМС од американско производство. Украинските и американските власти потврдија дека е извршен напад.

„Бидејќи не гледаме промена во руското однесување на руските нуклеарни сили, не гледаме причина да го промениме однесувањето на нашите нуклеарни сили или нашата сопствена доктрина како одговор на денешните руски изјави“, се додава во американското соопштение.

Ажурираната нуклеарна доктрина на Русија, која ја утврдува рамката за условите под кои Путин би можел да нареди удар со најголемиот нуклеарен арсенал во светот, денеска беше одобрена од рускиот претседател, според објавениот декрет.

Доктрината вели дека секој напад од ненуклеарна сила со поддршка на нуклеарна сила ќе се смета за заеднички напад и дека секој напад на една од членките на воениот блок ќе се смета за напад на целата унија.

Русија со месеци го предупредува Западот дека ако Вашингтон и дозволи на Украина да лансира американски, британски и француски ракети длабоко на руска територија, Москва ќе прифати дека тие земји од НАТО се директно вклучени во војната во Украина.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека реториката е неодговорна.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни