Белата куќа по инцидентот со новинарката која ја навреди дека е „свиња“: Трамп е многу искрен човек!

Белата куќа го бранеше Доналд Трамп откако тој ја нарече новинарката Кетрин Луси „свиња“. Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, истакна дека народот го избрал Трамп заради неговата отвореност и искреност и дека медиумите треба да ја ценат неговата подготвеност да одговара на прашања.

„Тој ги идентификува лажните вести и се фрустрира кога се шират неточни информации. Сепак, тој обезбедува голем пристап до медиумите и речиси секојдневно одговара на прашања“, рече Ливит.

Инцидентот се случил во понеделникот на претседателскиот авион, кога Луси почнала да му поставува прашања за Џефри Епстајн. Ливит не прецизираше на кои лажни вести Трамп реагирал кога ја навредил Луси. Кога таа го прашала зошто се однесувал така, Трамп ѝ одговорил:

„Тивко. Тивко, свињо.“

Здружението на професионални новинари ја осуди реакцијата на Трамп, наведувајќи дека ваквите инциденти не се изолирани и дека честопати се насочени кон жените, со што се поткопува важната улога на слободниот и независен печат.